Баерн го растури Мајнц со шест различни стрелци

Баерн Минхен во голем стил стигна до првата домашна победа сезонава, декласирајќи го Мајнц со 6-1 во меч во кој меѓу стрелците се запишаа шест различни фудбалери на баварскиот гигант. Интересно, Мајнц прв дојде во водство на „Алијанц Арена“, по што гостите одолеваа се до 36. минута кога Павар со прекрасен удар го израмни резултатот.

Давид Алаба со еврогол од слободен удар донесе целосен пресврт уште во првото полувреме, а на почетокот од вториот дел на 3-1 зголеми Перишиќ со неговиот прв гол во дресот на баварскиот гигант. Отпорот на Мајнц беше целосно скршен, па гостите до крајот доживеаја катастрофа откако нивната мрежа ја затресоа и Коман, Левандовски и Дејвис.

Келн триумфираше со 1-2 на гостувањето против Фрајбург, меч на кој Дарко Чурлинов не се најде ниту на клупата за резерви, додека Волфсбург и Падерборн ремизираа играјќи 1-1. Шалке неочекувано лесно и убедливо ја совлада Херта со 3-0. Првите два погодоци за домаќините беа автоголови што си ги постигнаа Штарк и Рекик, пред Кени да ги постави конечните 3-0 во Гелзенкирхен.

 

Резултати Германија:

Волфсбург – Падерборн 1-1, Баер Л. – Хофенхајм 0-0, Шалке – Херта 3-0, Фрајбург – Келн 1-2, Баерн М. – Мајнц 6-1,

Се вчитува...