Баерн има дил со Коло Муани – Французинот ќе биде новата „деветка“ на „Алијанц Арена“

Раководството на Баерн Минхен сака што поскоро да ја заврши потрагата по нов голгетер и да го комплетира трансферот на најзвучното засилување веќе до крајот на овој месец. Како што јавуваат германските медиуми, Кан и Салихамиџиќ го избрале голгетерот на Ајнтрахт, Коло Муани, како нова „деветка“ на Баерн. Според истите извори, веќе е постигнат и договор околу личните услови за петгодишна соработка меѓу Муани и Баерн, откако и самиот фудбалер изразил желба да остане во Бундес-лигата, одбивајќи ја понудата на Манчестер Јунајтед за преселба во Премиер-лигата.

За комплетирање на трансферот потребен е уште и договор меѓу клубовите, но Баерн и Ајнтрахт веќе десетина дена водат разговори на оваа тема. Тимот од Франкфурт инсистира на отштета од над 100 милиони евра, првата понуда од Минхен од 60 милиони евра беше експресно одбиена, но преговорите течат во позитивна насока и двете страни се оптимисти дека наскоро ќе може да биде постигнат целосен договор (трансферот би се движел околу загарантирани 80 милиони евра, плус 20 милиони поврзани со неколку различни клаузули).

Доаѓањето на Муани ќе значи и дефинитивно заминување на Садио Мане, откако сенегалскиот напаѓач не ги оправда очекувањата по ланскиот трансфер од Ливерпул.

Се вчитува...