Баерн изгоре во белградскиот пекол, Тринкиери не најде лек за Црвена Звезда

Црвена Звезда одигра одличен меч и го совлада Баерн Минхен со резултат 81-78, со што шампионот на АБА-лигата сега е израмнет со баварскиот гигант со скор 7-9 на делба на деветтото место во Евролигата. „Црвено-белите“ одиграа беспрекорно во нападот, а како одлучувачка се покажа последната четвртина во која белградскиот состав одигра фантастична одбрана, препуштајќи му на противникот да постигне само 11 поени. Тринкиери, кој пред две сезони како тренер на Партизан им создаваше огромни проблеми на „црвено-белите“, овојпат немаше одговор за одбраната поставена од Радоњиќ, па Баерн го претрпе и вториот евролигашки пораз во низа.

Калиниќ со 20 постигнати поени беше херој на Црвена Звезда, а одлична партија прикажа и капитенот Лазиќ, реализирајќи 12 поени (три погодени тројки). Кај Баерн Минхен најефикасни вечерва беа Вучиќ со 21 и Вајлер-Баб со 16 постигнати поени.

Уникс со фуриозна игра во последната четвртина (24-11) го скрши отпорот на Жалгирис триумфирајќи над литванскиот шампион со убедливи 66-53. Марио Хезоња имаше свое шутерско шоу во второто полувреме постигнувајќи 20 поени за победничкиот тим.

ЦСКА Москва по голема борба на гостински терен го совлада аутсајдерот Алба со 90-93. Убедливиот пораз на домашен терен од Уникс пред неколку дена остави трага врз тимот на Итудис, кој се мачеше во одбраната. Како пресудна се покажа последната четвртина што рускиот гигант ја доби со 17-24, направи резултатски пресврт и стигна до победата што ја запечати Швед од линијата за слободни фрлања.

Олимпијакос го демолираше Асвел со неверојатни 89-54, меч на кој Дорси со 19 и Везенков со 15 поени го предводеа победничкиот тим.

Се вчитува...