Баерн крена раце: Левандовски во Барселона е само прашање на време

Баерн Минхен попладнево му гостува на Волфсбург во последното коло од Бундес-лигата за оваа сезона, меч што ќе биде и последен за Роберт Левандовски во дресот на баварскиот гигант. Добро упатени извори од управата на Баерн тврдат дека баварскиот гигант кренал раце од намерата да го задржи Полјакот, кој се поотворено говори за незадоволството во клубот, а челниците стравуваат дека лошата атмосфера може да ја пренесе и врз дел од останатите играчи.

Левандовски инсистира најмалку на истата плата што ја зема во моментов (30 милиони евра), нешто што Баерн не сака да го плати бидејќи веќе се соочи со проблеми од играчи кои сакаат повисоки примања токму поради Полјакот (веќе си замина Алаба, а сега на добар пат е истото да го стори и Гнабри). Баварците најавуваа дека ќе го задржат својот најдобар стрелец уште една година, па дури и по цена тој следното лето да си замине како слободен играч, но негативната атмосфера што ја создава Левандовски околу себе придонесе управа да го промени ставот.

Барселона е подготовена да ги задоволи финансиските апетити на полскиот голгетер, веќе е подготвен тригодишен договор за плата од 30 милиони евра по сезона, плус богат бонус за самиот потпис на договорот. Агентот на Левандовски, Пини Захави, важи за близок пријател со Жоан Лапорта, сите детали биле експресно договорени, па полскиот голгетер би можел веќе пред крајот на месецот да ги мине прегледите и да го потпише договорот.

Баерн бара 40 милиони евра за неговите услуги, Барселона испрати прва понуда во висина од 30 милиони, но нема сомнеж дека двата европски гиганти ќе најдат заеднички јазик за овој мегатрансфер што поскоро да се реализира.

Се вчитува...