Баерн Минхен го продава Ренато Санчез

Ренато Санчез минатото лето дојде во Баерн Минхен најавен како суперзасилување и идна ѕвезда на баварскиот гигант. Само една година подоцна на неговиот престој на „Алијанц Арена“ најверојатно ќе му дојде крај откако челниците на Баерн решиле да го продадат португалскиот репрезентативец и да си ги вратат парите (35 милиони евра) што ги потрошија за негов ангажман.

Карло Анчелоти ставил до знаење дека нема да смета сериозно на Ренато ниту за следната сезона, баварците стравуваат дека тоа може значително да ја спушти неговата вредност во иднина, па затоа ќе настојуваат уште во текот на летово да го продадат екс-фудбалерот на Бенфика. Впрочем, ангажманот на Толисо од Лион уште повеќе ја зголемува конкуренцијата во средниот ред, испраќајќи порака до самиот Санчез да си бара што поскоро нов ангажман.

Тоа нема да биде никаков проблем за младинскиот португалски репрезентативец, чиј агент е Жорге Мендеш. Како што јавуваат британските медиуми, тој веднаш стапил во контакт со Манчестер јунајтед, со оглед на фактот дека Мурињо минатото лето беше „загреан“ да го доведе Ренато на „Олд трафорд“. Португалскиот стручњак се уште е заинтересиран за овој фудбалер, уште повеќе што истиот е достапен за околу 30 милиони фунти, сума што „специјалниот“ може да си ја дозволи за уште повеќе да го засили средниот ред на својот тим.

Се очекува во трката по Ренато Санчез да се вклучат и Барселона и Јувентус, но Манчестер јунајтед важи за огромен фаворит за потписот на овој фудбалер.

Се вчитува...