Баерн Минхен уште сега обезбеди трансфер за наредната сезона, откако германскиот шампион го договори ангажманот на Брајан Сарагоса, крилниот офанзивец на шпанскиот прволигаш Гранада.
Сарагоса има одлична сезона во дресот на Гранада, а фактот дека имаше клаузула за раскин во висина од 15 милиони евра го направи интересен за неколку топ-клубови ширум Европа. Челниците на Баерн реагираа експресно, ги договорија условите со фудбалерот, но и ја испочитуваа неговата желба да остане на позајмица во Гранада до крајот на оваа сезона, а потоа од летото 2024 да се пресели на „Алијанц Арена“.
Ангажманот на нов крилен офанзивец во германските медиуми се најавува како потег пред заминување на еден од постоечките играчи на оваа позиција што ги има Томас Тухел на располагање. Најблиску до излезната врата се наоѓа Серж Гнабри, но многу лесно може да се случи од Баерн да си замине и Лирој Сане, особено ако не потпише нов договор до крајот на оваа сезона, ако се знае дека постоечкиот му истекува во јуни 2025.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА