Баерн пак со празни раце – Вернер останува во Лајпциг

Баерн Минхен остана без уште едно посакувано засилување откако преговорите меѓу Тимо Вернер и Лајпциг завршија со нов договор за германскиот репрезентативец со неговиот актуелен клуб. Баварците уште во текот на ланската сезона ги почнаа преговорите со Вернер, кој имаше договор со Лајпциг до 2020 година, па како опција се споменуваше и преддоговор за преселба на „Алијанц Арена“ на крајот од оваа сезона.

Сепак, управата на Лајпциг на крајот успеа да најде заеднички јазик со одличниот офанзивец, кој денеска и официјално потпиша нов договор со клубот, со важност до 2023 година. Весникот „Кикер“ објави дека за следното лето е поставена клаузула од 30 милиони евра, што ќе го направи Вернер најпосакуван фудбалер на пазарот со оглед на интересот на Баерн, но и на Ливерпул, Реал Мадрид и уште неколку врвни европски клубови.

„Среќен сум што потпишав нов договор. Процесот траеше подолго време, но сакав да сум сигурен дека ќе можам да направам чекор напред, и за себе и за клубот. Сега можам целосно да се сконцентрирам на играњето за Лајпциг“ – истакна Вернер.

Се вчитува...