Баерн Минхен долго време создаваше моќен шампионски тим, но сега оваа екипа се распаѓа како кула од карти, а главен виновник е супер-агентот Пини Захави. Станува збор за човекот кој преговараше во име на Давид Алаба, на крајот ги одби сите понуди и го пресели австрискиот дефанзивец во Реал Мадрид, а сега е на добар пат да го изнесе и Роберт Левандовски надвор од „Алијанц Арена“.
Захави пред два дена допатува во Минхен на разговори со челниците на Баерн, но истите минале многу лошо и не постои многу простор за напредок и оптимизам меѓу двете страни. Баварците се бесни што агентот пред да дојде да разговара со нив мина неколку дена во друштво на Жоан Лапорта во Барселона. Каталонските медиуми тврдат дека Барса е подготвена да понуди тригодишен договор за плата од 30 милиони евра по сезона само за да го убеди Левандовски на трансфер, па Захави сега го очекува во најмала рака истото и од Баерн. Згора на тоа, агентот бара и провизија од 10 милиони евра како менаџерски процент за новиот договор, нешто што Салихамиџиќ и Кан немаат намера да го платат, па огромни се шансите преговорите во најскоро време да бидат прекинати, а Левандовски да биде продаден во текот на летово.
Баерн ќе бара 40 милиони евра доколку во наредните месец дена нема напредок во преговорите, Барса досега покажа подготвеност да плати 30 милиони, но за очекување е двете страни да постигнат договор и мегатрансферот на Левандовски да биде комплетиран на самиот почеток од летниот преоден рок.
Едно е сигурно, челниците на Баерн нема да дозволат Полјакот да си замине без никаква отштета како што тоа беше случај по долгите преговори со Захави за нов договор за Давид Алаба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА