Баерн станува циркус-клуб: Сега го моли Тухел, а тој има еден услов…

Потрагата по нов тренер за Баерн Минхен се претвори во неверојатна сапуница откако неколку стратези ја одбија можноста да се преселат на „Алијанц Арена“. Прв нога повлече Чаби Алонсо, потоа и Ралф Рангник и Јулијан Нагелсман, па на крајот баварскиот гигант не успеа да го привлече ниту Оливер Гласнер, за кого барањето за отштета од Кристал Палас беше превисоко за челниците на Баерн.

Последните информации од Германија тврдат дека баварците ги истрошиле сите опции во оваа потрага, па сега им останува само една работа – да го молат Томас Тухел да остане и наредната сезона. Овој стручњак успеа да извлече максимум од тимот во Лигата на Шампионите, а ја има и поддршката од дел од клучните фудбалери предводени од Нојер и Кејн.

Проблемот сега е да се убеди Тухел да остане, ако се знае дека спогодбата за предвремен раскин на крајот од оваа сезона е веќе потпишана. Германецот во меѓувреме беше поврзуван и со Манчестер Јунајтед, што дополнително ја отежнува задачата за директорите на Баерн да го убедат да го продолжи својот престој на „Алијанц Арена“. Тухел поставил еден услов, да добие нов договор со важност најмалку до 2027 година, наместо актуелниот кој истекува за една сезона. Баварците во прв момент категорично одбиле, но комплексната ситуација ги натерала повторно да размислат, па сега се подготвени да му понудат на актуелниот тренер договор до 2026 година како компромисно решение.

Баварскиот гигант сака што поскоро да стави крај на оваа неочекувана сапуница, но Тухел најверојатно ќе почека уште кратко време за да ја види разврската на Тен Хаг во Манчестер Јунајтед пред да одговори на понудата. Ако и актуелниот тренер реши да го напушти германскиот гигант, тоа ќе биде уште една огромна шлаканица за баварците.

Се вчитува...