Баерн владее со фудбалска Европа, Коман го реши „својот“ ПСЖ

Баерн Минхен е новиот европски првак откако во големото финале во Лисабон славеше над ПСЖ со 1-0. Класата беше пресудна кога станува збор за реализација на шанситее, ПСЖ не ги искористи своите ситуации во шеснаесетникот на Нојер, а за поразот да биде уште поболен – стрелец на единствениот гол беше Кингсли Коман, кој ги мина младинските категории на „светците“, но никогаш не доби шанса да биде стандарден во првиот тим на овој клуб.

ПСЖ има за што да жали, особено ако се земат во предвид шансите од првото полувреме, во кое „светците“ беа поблиску до отворање на резултатот. Нејмар се најде во ситуација „еден на еден“, но Нојер го одбрани неговиот обид, Ди Марија од одлична позиција шутираше над гредата, а шансата на полувремето ја имаше Нејмар, кој многу слабо шутираше од пет-шест метри.

Баерн се мачеше да наметне игра во првиот дел, но сепак создаде две шанси преку Левандовски (една греда и една одбрана на Навас). Баварскиот гигант почна да ја контролира средината од теренот во второто полувреме, по што го постигна и водечкиот погодок. По една долга акција Кимих одлично нафрли на вториот дирек, а таму Кингсли Коман со прецизен удар со глава го матираше Навас.

Веднаш потоа следеа уште две полушанси за Баерн, ПСЖ успеа да се стабилизира, а потоа на спротивната страна ПСЖ дојде до нов зицер – Ди Марија маестрално го проигра Маркињос, но Бразилецот не успеа да го најде патот до мрежата на Нојер.

Двајцата тренери направија низа измени, кај ПСЖ влегоа Чупо Мотинг, Верати и Дракслер, кај Баерн на теренот се појавија и Перишиќ и Кутињо, по што темпото на игра за момент опадна. Нервозата во таборот на „светците“ стануваше се поголема, Нејмар и Тијаго Силва набрзина добија жолти картони, а последната шанса ПСЖ ја имаше во 92. минута, кога Нејмар и Чупо Мотинг не успеаја да ја внесат топката во мрежата. Баерн го издржа завршниот притисок, на крајот заслужено радувајќи се на огромниот успех.

Се вчитува...