Ненад Димитријевиќ и Баерн Минхен ќе мора да играат мајсторка во обид да стигнат до титулата во Бундес-лигата откако го загубија вечерашниот четврти финален дуел со Алба, во Берлин со резултат 71-61. Баерн влезе со водство од 2-1 во овој дуел, охрабрен по последниот триумф во Берлинг, но Димитријевиќ и соиграчите овојпат потфрлија во нападот во второто полувреме (само 16 поени за 20 минути), што се покажа како клучен фактор за Алба да слави на овој натпревар.
Баерн имаше водство од 42-45 по првото полувреме, а потоа за момент поведе и со десет поени предност (42-52). Тогаш почна тоталното фијаско за тимот предводен од Светислав Пешиќ, ако се знае дека во следните 12 минути Баерн постигна само два поени, додека Алба го наполни кошот на „црвено-белите“.
Водството на берлинскиот тим изнесуваше 70-56, со серија од 28-4 што ја прекина токму Димитријевиќ со две слободни фрлања, по што македонскиот плејмејкер беше повлечен од игра, а домашниот тим рутински го приведе мечот до крај и конечните 71-61, во четвртата четвртина во која Алба му дозволи на Баерн само седум поени.
Димитријевиќ повторно беше најефикасен во редовите на Баерн, реализираше 14 поени надополнети со 5 скокови и 2 асистенции, премалку за да се спречи пораз на овој натпревар.
Мајсторката во оваа финална серија меѓу Баерн и Алба ќе се игра в недела во арената на баварскиот гигант во Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
