Баерн заврши важна работа: Кимих потпиша до 2025 година

Џошуа Кимих го продолжи договорот со Баерн до 2025 година, потврди денеска минхенскиот клуб. Преговорите поминале „без проблеми“, имајќи предвид дека двете страни сакале да ја продолжат меѓусебната соработка.

Германскиот фудбалер пристигна во Баерн во 2015 година. За тимот од Минхен одигра 264 натпревари и постигна 30 голови. Со Баварците ја освои Лигата на шампионите, шест титули во Бундеслигата, трипати Купот и петпати германскиот Суперкуп, како и Светските клупски првенства и Европскиот Суперкуп.

„Главната причина зошто го потпишав новиот договор е тоа што можам да уживам во Баерн секој ден. Имам тим со кој можам да постигнам се’. Многу од моите соиграчи станаа вистински пријатели. Верувам дека сеуште можам да напредувам како играч и сигурен сум дека можам да станам подобар во Баерн“, изјави Џошуа.

Откако е постигната согласност меѓу двете страни, се огласи и директорот на Баерн, Хасан Салихамиџиќ, кој истакна дека квалитетните фудбалери секогаш се приоритет на тимот од Минхен.

„Испративме порака до сите дека сакаме да ги задржиме нашите најдобри играчи на долг рок. Кимих ќе продолжи да се развива во Баерн. Тој е играч од светска класа со неверојатен менталитет. Има се’ што отсекогаш баравме во Баерн“, додаде спортскиот директор Хасан.

 

 

 

Се вчитува...