Баи на излезна врата од „Олд Трафорд“

Ерик Баи е подготвен да си замине од Манчестер јунајтед откако го загуби првотимскиот статус кај Жозе Мурињо. Поранешниот дефанзивец на Вилјареал настапи против Лестер и Брајтон, потфрли на вториот меч, по што беше преселен на клупата за резерви. Во ситуација кога Смолинг, Линделоф и Џонс добиваат предност пред него и додека Рохо е повреден, интернационалецот од Брегот на Слоновата Коска е подготвен за нов предизвик од кариерата и веќе побарал од челниците на клубот да му биде дозволено да ги промени клупските бои.

Мурињо би дал зелено светло доколку би добил гаранција дека парите од трансферот на Баи ќе бидат искористени за ангажман на нов одбранбен фудбалер, а два англиски премиерлигаши веќе искажаа сериозен интерес за Баи. Арсенал и Тотенхем се во потрага по врвни дефанзивци и асот на Јунајтед е високо на листата со желби и на Емери и на Почетино, откако стана јасно дека постои шанса Баи да си замине од „Олд трафорд“.

„Црвените ѓаволи“ го купија Баи за 30 милиони фунти од Вилјареал во 2016 година, сега ќе бараат 10 милиони фунти повеќе, а во преговорите со Тотенхем може да стане збор за директна размена за Алдерверелд, кому на крајот од сезонава му истекува договорот со „спарси“.

Се вчитува...