Бајрами: Македонија ЃП има квалитет да дојде до пехарот во Купот

Тренерот на Македонија ЃП, Муарем Бајрами денеска на прес-конференција ги искажа своите очекувања од утрешното финале против Силекс. Бајрами, кој го презеде кормилото во текот на оваа сезона, верува дека неговиот тим има квалитет да дојде до пехарот.

Бајрами упати респект кон противникот, и изрази надеж дека во првото финале како тренер ќе го подигне трофејот.

„Утре знаеме сите дека не очекува финале против Силекс, натпревар во кој ние од Македонија ЃП сме подготвени, и сосема заслужено сме во финале, ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи, Струга. Јас мислам дека имаме квалитет, и верувам дека можеме да го освоиме трофејот. Максимално го почитуваме тимот на Силекс, кој последен го освои Купот, без разлика на тоа што оваа година е второлигаш, ние имаме максимален респект. Ја анализиравме екипата на Силекс добро, повеќе натпревари гледавме, затоа што се немавме сретнато цела година, и станува збор за одличен тим воден од еден одличен тренер. Во секој момен знаат што прават, и буквално се прошетаа низ втората лига. Гледајќи ги натпреварите и во Купот, и мислам дека ќе биде доста интересен натпревар. Имаме квалитет, за мене е ова прво финале како тренер, а два пати го имам осовено како играч. Се надевам на прв триумф како тренер“, рече Бајрами.

На прашањето дали Македонија ЃП вежба пенали, Бајрами одговори:

„Ние до тука стигнавме преку пенали на три натпревари, но подготвени сме за секакво сценарио, може да очекуваме сешто“, изјави тренерот на Македонија ЃП.

Околу составот, Бајрами истакна дека нема никакви дилеми, ниту проблеми околу составувањето на екипата.

„Немам дилеми, знам точно кој ќе игра. Знаеме од каде доаѓа опасноста на Силекс, но не би сега да откријам. На последниот меч со Тиквеш одморивме неколку играчи, работевме на тие слаби точки, и горе-доле јасни ни се и какви очекувања може да има на натпреварот. Но, нема да биде лесен натпревар. Апсолутно не сметам дека има фаворит во ова финале. Силекс го сметам како прволигаш, има играчи кои играле  во Прва лига, така што ќе биде доста интересен натпревар“.

Се вчитува...