Бајрами: За добрите резултати на Македонија ЃП најзаслужни се играчите

Тренерот на Македонија ЃП, Муарем Бајрами е еден од заслужните за напредокот на Македонија ЃП и искачувањето од долниот дел, кон горниот на табелата во Првата лига. Откако ја превзеде екипата, Бајрами има само еден пораз од Шкендија, а успеа да ја внесе и екипата во полуфиналето на Купот, откако триумфираше по пенали над Шкупи, неговиот поранешен тим.

Што беше клучно? Како Бајрами делуваше на екипата по неговото превземање? Одговор побаравме од предводникот на Македонија ЃП кој за „ЕКИПА“ зборуваше за последните случувања и резултати на екипата.

„Добро играме, можам само да истакнам задоволство од постигнатите резултати во последните неколку кола и во Купот каде поминавме понатаму. Делувавме на сите полиња на екипата, како на психолошки, така и на тактички план. Несомнено е дека квалитет има, тимот поседува и млади и искусни играчи, и тоа е еден спој кој дава резултати“, ни изјави Бајрами.

Шефот на стручниот штаб на Македонија ЃП, скромно, вели дека за успехот најзаслужни се играчите.

„Можам да кажам дека најзаслужни за овој успех се играчите. Тие го исполнуваат сето она коа им се дава како задача. Знаат што бараме и тоа на терен максимално го исполнуваат. Навистина сум задоволен од нивното залагање, од нивниот придонес на теренот, а и самите резултати делуваат мотивирачки. Се искачивме на табелата, поминавме понатаму во Купот, и во тој стил да продолжиме и во последното коло од есенскиот дел, а потоа да одиме на заслужен одмор“, вели Бајрами.

Вчера Македонија ЃП го совлада составот на Академија Пандев со 4-1, прелесно од очекувањата, со оглед дека прогнозите беа дека тоа ќе биде еден цврст натпревар.

„Секако сум задоволен од изданието вчера на нашата екипа. Едноставно го надигравме противникот, ги неутрализиравме сите нивни напади, сите играчи и заслужено победивме. Академија Пандев е добра екипа со добар тренер, и среќен сум што успеавме да победиме еден квалитетен противник. Во овој период имаме само еден пораз од Шкендија, иако на тој натпревар игравме со играч помалку речиси 70 минути. Во секој случај, повторно ќе кажам, задоволен сум од тоа како играме и постигнуваме, и сакам така да продолжиме и на последниот меч оваа година“, заврши Бајрами.

„Лавовите“ на последните девет натпревари од превземањето на клубот на Бајрами, има само еден пораз и две ремија, а дури шест победи. Македонија ЃП доби и двата натпревари во Купот на Македонија преку пенали. Најпрво го исфрли составот на Академија Пандев, а потоа и Шкупи и се најде во 1/2 финалето.

Се вчитува...