Бакоч е пред потпис со Работнички

Филип Бакоч би требало да биде најновото засилување на Работнички откако крилниот кошаркар постигнал начелна согласност за соработка со најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.

Бакоч по настапите за Еуро Никел и за МЗТ Скопје ланската сезона ја мина во дресот на Академија ФМП, но по заминувањето на речиси сите членови на оваа екипа беше само прашање на време кога и овој кошаркар ќе ја промени средината. За неговите услуги се интересираа неколку македонски прволигаши, но тој на крајот се реши да остане во Скопје и ја прифати понудата на Работнички, договор што би требало да биде официјализиран во следните денови.

Тој е второто засилување што Работнички го доведе од Академија ФМП, откако „центарци“ уште пред околу еден месец го ангажираа и центарот Леонид Тодоровски.

Во меѓувреме, тренерот Мираковски и директорот Веселиновски договорија и три странски засилувања, Американците Нотиџ и Крафорд и црногорскиот интернационалец Мариновиќ.

Се вчитува...