Шампионот МЗТ Скопје и со првите две интернационални засилувања во пресрет на новата сезона.
Нови засилувања за „аеродромци“ се Хрватот роден во БиХ, Марко Баковиќ (30 год, 203 см), кој најчесто игра на позицијата „четири“ и талентираниот српски центар, Душан Танасковиќ (22 год, 208 см). Двајцата се добро познати на стручњаците од овие простори, имаат искуство со настап во јадранските натпреварувања и од нив се очекува да бидат вистински бедем под кошевите на македонскиот шампион.
Баковиќ одигра 22 натпревари за Цибона во минатиот шампионат во АБА, меѓу кои и првиот од двата меѓусебни дуели против МЗТ, а во Скопје доаѓа по 13 средби во дресот на шпанскиот второлигаш Леида. Освен борбата во рекетот, негов заштитен знак е и одличниот шут за тројка, со оглед што често во кариерата имал и скоро 50-отстотна прецизност од оваа позиција.
Танасковиќ, пак, потекнува од младинската школа на Партизан, по што настапувал за српските прволигаши Младост Земун и Дунав, додека минатата сезона беше дел од АБА2-лигашот Борац Бања Лука, во чиј дрес имаше просек од 14,2 поени и 6,1 скок. Без разлика на возраста, располага со одлична центарска техника, за што доволно говори неговата статистика според која погодува два од секои три упатени удари кон противничкиот кош.
Српско-хрватската двојка со ова им се приклучи на браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ и Марин Петков, кои претходно ги продолжија договорите или потпишаа за тимот на МЗТ Скопје кој и во новата сезона ќе биде предводен од тренерот Васко Атанасов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА