Балотели потпиша за Бреша, но ќе чека цел месец за деби

Марио Балотели конечно ги разреши дилемите околу иднината прифаќајќи ја понудата на Бреша за двогодишен договор со новиот италијански прволигаш. По пропаднатиот трансфер во Фламенго италијанскиот голгетер седна на маса со раководството на Бреша, договарајќи ги сите услови од соработката.

Според италијанските медиуми, Балотели ќе заработува загарантирани 1,5 милиони евра по сезона, плус бонуси во зависност од неговите игри и резултатите на тимот. Сепак, „Супер Марио“ ќе мора да почека цел месец за да дебитира за новиот клуб, поради суспензијата што ја заработи на последниот меч во дресот на Олимпик Марсеј.

Тој беше казнет со четири меча неиграње поради удирање на противнички фудбалер, а суспензијата сега ќе се пренесе и во италијанскиот шампионат. Поради ова Балотели нема да настапи во првите четири кола, на дуелите со Калјари, Милан, Болоња и Удинезе, a своето деби за новиот клуб ќе го има против шампионот Јувентус.

Се вчитува...