Бараж за Прва лига: Победа или Борец, само за еден тим има место во елитата

Во Струмица на мегдан за прволигашки статус. Победа и Борец денеска (16.30 часот) на стадионот „Младост“ ќе го играат ’мечот на годината’, за обезбедување пласман во Првата фудбалска лига. Прилепчани по освојувањето на осмото место на табелата се изборија за бараж за да го сочуваат прволигашкиот статус, додека фудбалерите на Борец го минаа ’чистилиштето“ со Гостивар, славеа на пенали, и сега се надеваат дека можат да ја минат и последната пречка пред да се вратат во елитата.

Тони Мегленски во минатото играше многу важни натпревари, а сега е во улога на шеф на стручниот штаб на Победа. Тој се надева дека неговите фудбалери ќе успеат да го совладаат Борец, едноставно затоа што се поквалитетни од противникот.

„Во баражот, како што и посакувавме, ќе играме со Борец и се надевам дека ќе излеземе како победници. Но, ако евентуално го загубиме овој натпревар, тогаш ние навистина и не заслужуваме да играме во Првата лига. Играме со условно кажано послаб противник – второлигаш. Не сакам никого да потценам, јас така го разбирам фудбалот во овој момент“ – вели Мегленски и дополнува:

„Од играчка гледна точка на располагање се сите фудбалери, немаме ни повредени ни казнети и мислам дека оваа шанса за Победа не смее да се пропушти. Како град, како клуб, во наредниот период имаме огромен потенцијал“.

Борец секако има свои планови и математики. А, и многу е едноставно, само за победникот има место во Првата лига. Тренерот Пане Блажевски се надева дека токму велешкиот тим по долг период повторно ќе стане прволигаш.

„Секоја чест за Победа, нормално е да респектирате еден таков противник кој доаѓа од Првата лига. Но, ние воопшто не планираме предвремено предавање. Напротив Борец изминатава сезона покажа дека поседува сериозен квалитет, подготвени сме за тоа што не очекува во Струмица. Нашата желба секако е место во најсилната домашна лига и ќе играме максимално мотивирано да се обидеме и да ја реализираме таа цел. Во вакви дуели со 90 минути се е можно“ – вели шефот на стручниот штаб на Борец, Пане Блажевски во пресрет на денешниот бараж натпревар.

Се вчитува...