Барди: Два тешки натпревари по долга пауза, но од резултатите мора да сме задоволни

Сумирајќи ги впечатоците за првиот репрезентативен собир по пауза од речиси цела една година, фудбалерот на шпански Леванте, Енис Барди вели дека мора да бидеме задоволни од резултатскиот ефект на стартот од Ц лигата во УЕФА Лигата на нации.

„Одигравме два натпревари против двете селекции кои, заедно со нас, ќе се борат за првото место во групата и освоивме четири бода од што секако може да бидеме задоволни. Да бидеме реални, одигравме два навистина тешки натпревари кои  носат тежина и затоа што доаѓаат по една долга репрезентативна пауза, во еден период во кој клубовите уште не се почнати со подготовки. Јасно е дека не сме најподготвени затоа што и поголемиот дел од нас се уште се во фаза на подготовки пред новата сезона, а некои не се ниту почнати. Но, таков е овој период и мислам дека успешно го поминавме. Со Грузија стигнавме до борбенo реми кое треба да ни биде добар мотив, посебно ако знаеме дека можеме и уште многу подобро од овие изданија, за тоа што следи во октомври. Секако нашата основна цел е оваа генерација да дојде до пласман на Европско првенство и сите заедно ќе се потрудиме максимално да дојдеме до тоа“ – вели Енис Барди.

Македонија веќе на 8. октомври ја очекува полуфиналната пресметка со Косово од баражот за пласман на ЕП. Веднаш по само една недела не очекува и продолжението од актуелната Лига на нации, и натпреварите со Естонија на гости и со Грузија на домашен терен.

Се вчитува...