Барди е во топ-форма, ќе дебитира за Трабзон во ЛШ!

Енис Барди ги импресионираше членовите на стручниот штаб на Трабзон со својата физичка подготвеност и за очекување е македонскиот репрезентативец експресно да дебитира за новиот клуб, веќе на дуелот од квалификациите за Лигата на Шампионите што Трабзон во вторник ќе го игра во Данска против Копенхаген.

Нашиот репрезентативец пред неколку дена го комплетираше трансферот во таборот на турскиот првак, но Барди ги мина комплетните подготовки на Леванте, настапувајќи на неколку пријателски натпревари за шпанскиот клуб. Тој од вчера почна со тренинзи со остатокот од тимот и веднаш стави до знаење дека е подготвен за настап.

Трабзон успеа да го регистрира македонскиот интернационалец во УЕФА и тој има право за настап во квалификациите за ЛШ, а според последните информации тренерот е подготвен да му даде шанса за деби веќе на мечот во Копенхаген.

Барди најверојатно овој натпревар ќе го стартува од клупата за резерви, а потоа ќе влезе во игра во второто полувреме, да покаже што знае и умее во битката за влез во групната фаза од Лигата на Шампионите.

Се вчитува...