Барди ја открива хемијата во националниот тим: Пандев ни е како постар брат, секогаш ни ги решава проблемите

Македонскиот репрезентативец Енис Барди се наоѓа во изолација во апартманот во Валенсија и ги почитува мерките на шпанската влада против ширење на коронавирусот. Тренира напорно во домашна атмосфера, но и размислува за продолжението на првенството во Ла Лига, како и можноста на Македонија преку плејофот во Лигата на нации да обезбеди настап на Европското првенство. Претстои полуфинален двобој со Косово, кој требаше да се одигра на 26.март, а двапати беше одложен од УЕФА и терминот се уште виси.

Но, како што вели Барди, оваа ситуација воопшто не им пречи на македонските репрезентативци да останат во секојдневен контакт, дури и многу често се слушаат.

„Имаме одлична атмосфера и големо другарство во репрезентацијата на Македонија. Горан Пандев на сите ни е како постар брат, има огромно срце и секогаш ни ги решава проблемите. Се слушаме многу често, преку заедничка видео – врска и размислуваме за натпреварот против Косово. Тоа е нашата огромна шанса да избориме настап на ЕП, тоа е сонот на сите македонски фудбалери“, вели Енис Барди.

Не е познато кога ќе продолжи првенството на Ла Лига, а тоа го анализира досегашниот тек од сезоната. Леванте е на 13.позиција на табелата.

„Сакаме да го заокружиме шампионатот на што е можно подобра позиција. Оваа сезона ги победивме Реал Мадрид и Барселона на домашен терен, имавме навистина одлични настапи. Ќе се обидеме да продолжиме во ист стил и по оваа принудна пауза“, коментира Барди.

Барди се обидува да помогне во овие тешки моменти на блиските, но и на оние кои не ги познава.

„Тежнеам да бидам добра личност, добар човек. Не е доволно само да бидете квалитетен фудбалер, човечките квалитети се секогаш во прв план. Никогаш нема да заборавам од каде доаѓам и што сум постигнал во животот. Ако сега имам повеќе, треба да го споделам со другите“, порачува македонскиот фудбалски репрезентативец.

 

 

 

Се вчитува...