Енис Барди и Леванте можат да се пофалат со редок куриозитет, во иста сезона ги зедоа скалповите на Барселона и на Реал Мадрид. Македонскиот ас ги одигра сите 90 минути на последниот дуел со „кралскиот клуб“ што Леванте го доби со 1-0. Избраниците на Зинедин Зидан предводени од капитенот на Реал Мадрид се жалеа на арбитражата, но Барди е дециден на ставот дека триумфот на Леванте е регуларен и апсолутно заслужен.
„Сите ме прашуваат исто прашање, какво е чувството да се победат и Барса и Реал. Горди сме бидејќи тоа се два тима од самиот светски врв, а ние успеавме да ги победиме во рок од само неколку месеци. Тоа е доказ дека можеме да го победиме буквално секој ривал. Не бев изненаден од коментарите од таборот на Реал, оној кој губи секогаш наоѓа изговор за поразот, така беше случајот и со фудбалерите од Мадрид. Факт е дека ние одигравме одличен натпревар и постигнавме прекрасен погодок, ВАР е овде за да им помогне на судиите“, изјави Барди.
Македонскиот репрезентативец не е ефикасен како во претходните сезони, но затоа многу повеќе учествува во разигрување на соиграчите.
„Секој сака да даде гол, но тоа не е моја опсесија. Се чувствувам одлично, играм во добра форма и се надевам дека ќе продолжам во ист ритам. Не само јас, туку целиот тим, бидејќи ако продолжиме со вакви игри, можеме да се вмешаме и во борбата за место во европските купови. Ги победивме Реал Мадрид и Барселона, нема зошто да не веруваме во такво нешто“, оптимистички е расположен Енис Барди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА