Валенсија беше еден од првите шпански градови погодени од коронавирусот, а ригорозните државни мерки се уште се на сила. Леванте го распушти тимот, а Енис Барди не крие дека му е тешко да се снајде во изолација.
„Слободно може да се каже дека ни се променија животите, но сепак најважно е да се победи болеста, да останеме дома и на крајот да излеземе како победници. Јасно е, бавно минува времето кога си сам, но таква е ситуацијата. Имаме заедничка група од екипата, ни се даваат вежби што треба да ги правиме за да останеме во ритам. Исто така, во слободното време гледам стари натпревари, за да видам каде сум грешел и да ги отстранам тие слабости во иднина“, изјави Барди.
Тој жали што „црвено-жолтите“ во изминатата седмица не ги одиграа клучните средби од Лигата на Нации, што беа закажани за крајот на месец март, но мораше да бидат одложени.
„Неделава требаше да биде историска за Македонија. Пред нас беше меч со Косово, а потоа во случај на победа, пресметка со Грузија и Белорусија за пласман на ЕВРО 2020. Сепак, јасно ми е дека сега не е време за фудбал, мораме да се грижиме за себе, да останеме здрави. А кога ќе дојде моментот, убеден сум дека ќе бидеме подготвени за предизвикот“, истакнува македонскиот играч за врска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА