Барди носи среќа: Леванте не губи кога Енис дава гол!

Енис Барди беше човек на одлука на вчерашниот дуел меѓу Гранада и Леванте, на кој македонскиот ас со еврогол во 90. минута му донесе победа на својот тим. Значењето на Барди за играта на Леванте е непроценливо, најдобра потврда за тоа е и фактот дека од неговото доаѓање во клубот во 2017 година, Леванте не знае за пораз кога Барди ќе постигне гол во „Ла Лига“.

Во неговата прва сезона во „Ла Лига“, Бадрди постигна по два гола во победите над Барселона (5-4) и над Атлетик Билбао (1-3), а беше по еднаш прецизен и во триумфите над Леганес (0-3) и Реал Сосиедад (3-0). Покрај тоа, Македонецот се запиша меѓу стрелците и при нерешените натпревари со Валенсија (1-1), Еибар (2-2) и Ла Коруња (2-2).

Минатата сезона тој постигна три гола, но сите три беа во победи на Леванте, евроголот од слободен удар против Хетафе (0-1), против Рајо Валјекано (4-1), како и клучниот погодок на гостувањето против Џирона, за победа од 1-2 и осигуран опстанок на неговиот тим во шпанската елита.

Вчерашниот погодок беше втор за Барди сезонава, по оној во победата на тешкото гостување против Реал Сосиедад.

Нема сомнеж дека Леванте е подобар тим кога Барди е на теренот отколку кога Македонецот е на клупата за резерви. Овие бројки само го потврдуваат тоа.

Се вчитува...