Барди се враќа во Билбао: Баш би сакал уште еден слободен удар…

Леванте викендов му гостува на Атлетик Билбао на „Сан Мамеш“, стадионот на кој Енис Барди испиша историја пред две сезони, постигнувајќи два гола од слободен удар во рок од само неколку минути. Македонскиот ас успеа двапати да го надмудри Кепа Аризабалага, кој во меѓувреме стана најскап голман во фудбалската историја, па јасно е зошто пред мечот во Билбао вниманието на шпанската јавност е свртено токму кон Барди.

„Имам навистина убави спомени од „Сан Мамеш“, но свесен сум дека ќе треба напорно да работиме за да стигнеме до позитивен резултат. Доаѓаме на еден од најтешките стадиони за игра и дефинитивно ќе мораме да дадеме се од себе. Би било убаво да добијам уште еден слободен удар, да видиме што ќе се случи, но најважно е екипата да стигне до добар резултат на ова тешко гостување. Победите над Реал Сосиедад и над Барселона во последните две кола ни ја зголемија самодовербата, знаеме дека можеме да се носиме со секој ривал“ – изјави Барди.

Македонскиот репрезентaтивец на последното гостување против Реал Сосиедад го постигна првиот гол сезонава.

Се вчитува...