Енис Барди продолжува да го впишува своето име во историјата на Леванте откако македонскиот репрезентативец на последниот меч со Селта влезе во листата од Топ 10 играчи со најмногу настапи за овој клуб во Примера Дивизион.
Барди поради болки во коленото не беше стартер, но влезе во игра во второто полувреме против Селта, што беше негов 98. настап за Леванте во елитното шпанско фудбалско друштво, израмнувајќи се со Висенте Ибора и со Серхио Балестерос. Пред македонскиот интернационалец на оваа ранг-листа се наоѓаат актуелните соиграчи Тоњо, Кампања, Роџер и Моралес, како и поранешните фудбалери на Леванте, Хуанфран, Педро Лопез, Рубен Гарсија и Давид Наваро.
Воедно, Барди е и странски играч со најмногу настапи за Левнте во Ла Лига, оставајќи го зад себе Мароканецот Набил Ел Жар со 94 настапи.
Енис Барди е член на Леванте од 2017 година, кога за сума од 1,5 милиони евра пристигна од редовите на Ујпешт. Во текот на летово интерес за Барди покажаа неколку врвни европски клубови, меѓу нив и премиерлигашот Арсенал, но Леванте ги одби сите понуди решавајќи да го задржи нашиот интернационалец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА