Барди: Тренирам со Ујпешт, чекам каде ќе ја продолжам кариерата

Енис Барди беше најдобриот македонски фудбалер на Европското првенство за фудбалери до 21 година кое се одржа во Полска. Сето тоа, сосема очекувано, повлече нескриен интерес од серија европски клубови за неговите услуги. Видеотон, Динамо Загреб, Херенвен, Штутгарт но и шпанскиот Леванте, кој се потенцира како најсериозен клуб во обидот за ангажман на македонскиот фудбалер, се дел од клубовите кои се спомнуваат како следна дестинација на македонскиот фудбалер.

А, Барди, по краткиот одмор, се приклучи на тренинзите на унгарски Ујпешт. Иако, како што и самиот вели, кога е во прашање неговата фудбалска иднина, не знае со сигурност каде би продолжил…

„Задоволен сум како со мојата репрезентација одигравме во Полска. Се надигрувавме со секој противник, но ова пред се беше едно големо искуство за нас. Сега повторно се приклучив на тренинзите на Ујпешт, но се разбира околу мојата иднина не може да кажам ништо. Благодарен сум на Ујпешт за се што направи за мене досега во кариерата. Никогаш нема да заборавам што овој клуб направи за мене, без разлика каде ќе ја продолжам кариерата“ – вели Барди за официјалната интернет страница на Ујпешт.

Се вчитува...