Барди веќе ја освои Валенсија: „Машината на Леванте“ е хит во Шпанија!

Македонскиот репрезентативец Енис Барди е прогласен за играч на мечот меѓу Леванте и Ла Коруња, на кој со прекрасен погодок од слободен удар партиципираше во ремито од 2-2.

Според безмалку сите шпански известувачи од натпреварот, Барди е убедливо најзаслужниот за ремито на Леванте и покрај негативата од 0-2 уште во раната фаза од средбата. Согласно статистиката, за 85 минути игра, македонскиот репрезентативец покрај погодокот имаше уште четири шута кон противничкиот гол, седум клучни додавања, вкупно 40 додавања со 93% прецизност и истрчани 11 километри. Убедливо најмногу меѓу сите играчи на терен…

„Енис Барди веќе ја освои и Валенсија, новиот миленик на навивачите на Леванте… Веќе од сега е јасно дека ќе биде хит сезонава во Шпанија, вистинско освежување. Веќе докажа дека сигурно е еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во Европа“ – пишува шпански „АС“.

Членот на Леванте во одлична форма од утре се приклучува на подготовките на репрезентацијата за двата квалификациски натпревари, против Израел на 2. септември во Хаифа и против Албанија на 5. септември во Струмица.

Се вчитува...