ИНТЕРВЈУ – Енис Барди за ЕКИПА: Верувам во пласман на Мундијал, би сакал во баражот само да ги избегнеме топ-селекциите!

Како носител на капитенската лента во репрезентацијата, Енис Барди постигна „хет-трик“ на мечот со Ерменија, а Македонија го одигра еден од најдобрите натпревари во историјата. На крајот победа од 0:5, а потоа ремито во Букурешт го отвори патот кон баражот на Македонија.

Енис Барди во разговор за ЕКИПА открива како се чувствувал после мечот со Ерменија, какво е чувството да се носи капитенската лента на националниот тим, дали и покрај малите шансите во селекцијата имало верба дека може да се најде во баражот, за тоа кој посакува да му биде ривал во баражите и на крај за Леванте и како неговите соиграчи го пречекале по обезбедувањето на баражите.

УШТЕ МЕ ДРЖАТ ЕМОЦИИТЕ ОД МЕЧОТ ВО ЕРЕВАН

За мечот со Ереван, Барди потенцира дека и натаму не е свесен што направил. Деби со капитенската лента и постигнат „хет-трик“ е одличен почеток за секој кој игра во националниот тим.

„Имам чувство дека уште на некој начин не сум свесен што направив на тој меч во Ереван, уште ме држат емоциите. Можам да кажам дека тоа беше една од најдобрите натпревари во историјата која ја одигравме. Капитенската лента ми даде многу мотив и горд сум, особено кога ќе помислам кои фудбалери ја имаат носено во минатото. Мене само Горан ми беше капитен, и знам колку придонесе за оваа селекција. Сакам и јас да придонесам, а сега исто се чувствува и Стефан Ристовски. Но, на крајо јас секогаш кажувам дека сме сите капитени и сите сме одговорни за тоа што треба да го дадеме во националниот тим“, рече Барди.  

НИЕ СМЕ ГРУПА КОЈА СЕКОГАШ ВЕРУВА ДО КРАЈ

Мали беа шансите Македонија да се пласира во баражот за пласман на Мундијал, особено што требаше да се чека „кикс“ на Романците со Исланд. Тоа беше малку веројатно, но на крајот се случи. А, Барди вели дека репрезентацијата верувала дека може да се случи чудо, но и дека натпреварот со Исланд бил предизвикувачки од ментален аспект, односно барал подобра ментална подготовка.

„Ние во репрезентацијата сме група која секогаш веруваме во тоа што го правиме и работиме. Секогаш велиме дека нема предавање до крај, затоа што сешто може да се случи. Се додека има шанси треба да се верува. Така Романија киксираше, а ние бевме ментално подготвени да ги добиеме двата натпревари. Особено со Исланд кој беше тежок за играње, имаше тежок притисок. Дадовме се од себе, го добивме и ете не во бараж“, ни изјави фудбалерот од средниот ред. 

ВО БАРАЖОТ САКАМ ДА ГИ ИЗБЕГНЕМЕ СЕЛЕКЦИИТЕ КОИ СЕ ВО ТОП 10 НА РАНКИНГОТ

Ждрепката е утре, а Барди ги искажа своите желби…

„Би сакал за противник во баражот да биде некоја репрезентацијата што не е меѓу топ 10 селекции на ФИФА ранглистата. Но, кој и да ни падне ќе играме, ќе се обидеме да дојдеме до сонот. Во фудбалот никогаш не се знае, секој може да побеид секого. Особено ние како „аутсајдери“ ќе бидеме потценети од противниците, и тука може да ја гледаме нашата шанса“, вели Барди, кој додава дека верува на пласман на Македонија на Муднијал. 

„Јас верувам дека Македонија може да стигне до Мундијал“, кусо изјави Барди. 

СЕ НАДЕВАМ ДЕКА И СО ЛЕВАНТЕ ЌЕ ПОЧНАМ ДА ПОБЕДУВАМ

За разлика од Македонија, во Леванте работите не одат лесно. Тимот и натаму нема победа во Ла Лига, но Барди вели дека очекува тоа да се смени.

„Моментално сме подобри од тоа што бевме. Сега се фокусираме на следниот натпревар, и очекуваме да дојдеме до победа“, изјави Барди. 

Како Барди беше пречекан во Леванте после обезбедувањето во баражот?

„Сите ми честитаа што ги победивме натпреварите. Сите ги следеа моите настапи на Македонија. Не очекуваа да имаме толку добри резултати, затоа што сме мала земја и фудбалски непозната. Меѓутоа и тоа се менува. Сега сите дознаваат за нас. Европско првенство, бараж за Мундијал… Ете успеавме, а јас сум горд што добивам честитки од моите соиграчи. Ќе биде супер да обезбедиме пласман на Мундијалот, тоа е сон на секој фудбалер“, заврши десетката во националниот тим. 

Се вчитува...