Барса е во финалето, Лазаров и соиграчите не можеа до чудо

Барселона е тимот што ќе го предизвика Алборг во големото финале од Лигата на Шампионите откако во второто полуфинале во „Ланксес Арена“ во Келн го совлада Нант со резултат 31-26. Кире Лазаров и Нант повеќе од 40 минути целосно му парираа на големиот фаворит, но одличната форма на Гонзало Перез де Варгас беше пресуден фактор, шпанскиот голман блесна кога беше најважно и му донесе место во финалето на својот тим.

Барселона беше подобар противник на самиот почеток, цврстата одбрана на чело со Де Варгас им создаваше проблеми на ракометарите на Нант, кои првиот гол го постигнаа од пенал во седмата минута. Францускиот тим сепак успеа да се врати во ритам, на полуврeме заминувајќи со негатива од 15-13. Лазаров и соиграчите одлично го почнаа вториот дел, благодарение на цврстата одбрана набрзина израмнија на 17-17, но потоа при овој резултат не искористија неколку напади за водство. Токму овој период беше пресуден, Барса прва го разбуди „заспаниот напад“, влезе во серија и повторно резултатски се одлепи. Нант се обиде и со „седум на шест“, но ниту ова не вроди со плод, па каталонскиот гигант на крајот заслужено се радуваше на пласманот во големото финале.

Кире Лазаров го заврши мечот со два гола, најефикасен кај Нант беше Ривера со шест погодоци, додека кај Барселона покрај Де Варгас и неговите блескави 16 интервенции, најзаслужни за победата беа Мем и Алеиш Гомез со по пет постигнати гола.

Се вчитува...