Барса е во финалето, ПСЖ повторно без европска круна

Барселона е првиот финалист на фајналфор турнирот во Келн откако каталонскиот гигант славеше во полуфиналната пресметка против ПСЖ (37-32). Францускиот тим се надеваше дека токму годинава ќе стигне до првата европска круна, но бројните проблеми (повредата на Карабатиќ и позитивните ковид-тестови на Стајнс и на Хенрик Тофт Хансен) оставија сериозна трага, па Раул Гонзалес и неговите ракометари не успеаја достојно да му се спротивстават на каталонскиот гигант. Барса не ги повтори грешките од пред две години, кога по огромен пад на концентрацијата во второто полувреме беше елиминирана од Вардар, па каталонските ракометари заслужено се пласираа во големото финале.

ПСЖ изненади со добра игра во нападот на почетокот, со Ремили како среден бек. Избраниците на Раул Гонзалес лесно го наоѓаа патот до мрежата на Барса, за момент поведоа и со три гола предност (4-7), но каталонскиот гигант набрзина се консолидираше. Клучно беше влегувањето на Мелер на голот на Барса во 12. минута на местото на индиспонираниот Де Варгас (една одбрана и девет примени гола), данскиот голман внесе сигурност во одбраната на каталонскиот гигант и на моменти ги излудуваше противничките ракометари. Дика Мем доминираше во нападот со шест гола во првото полувреме, одлична помош доби и од Јанц, па Барса замина на предност со убедливи 18-14.

Жерар одлично го почна второто полувреме на голот на ПСЖ со два одбранети седмерци, но Барса не дозволи изненадување како пред две години против Вардар. Раул Гонзалес во 37. минута се обиде и со „седум на шест“, но по грешката на Криштопанс голманот Мелер ја погоди празната мрежа на ПСЖ за убедливи 23-17. Избраниците на Раул Гонзалес не се предадоа, а по неколкуте грешки на Циндриќ, ПСЖ успеа да се врати во мечот намалувајќи на 27-24 во 44. минута.

Криштопанс влезе во серија грешки во нападот, а кога ПСЖ повторно се обиде со „седум на шест“ и набрзина прими два гола во празна мрежа победникот беше решен (33-26 во 52. минута). Остатокот од мечот беше рутина за каталонците, кои славеа со конечни , па сега со нетрпение ќе го очекуваат ривалот за големото финале, во втората вечерашна полуфинална пресметка меѓу Веспрем и Кил.

Дика Мем постигна осум погодоци за Барселона, шест реализираше Палмарсон, а по пет Фабрегас и Јанц. Најефикасен кај ПСЖ беше Наи со девет гола, пред Микел Хансен со седум.

Се вчитува...