Барса го освои Истанбул, Црвена Звезда го шокираше Зенит

Барселона славеше на гостувањето против Анадолу Ефес со резултат 93-95, во драматичен дуел што беше решен дури по продолжение во кое каталонскиот гигант го најде лекот за актуелниот европски првак. Ефес се врати од „минус пет“ во последната минута од регуларниот дел, со тројката на Мициќ и слободните фрлања на Ларкин се избори за продолжение, но немаше сили да го добие овој меч.

Ларкин на самиот старт од продолжението ја заработи петтата лична грешка, веднаш потоа тренерот Атаман полуде и беше исклучен поради две технички грешки по приговорите кон судиите. Барса поведе со 84-91, но Ефес не се откажа и благодарение на Мициќ и на Симон се приближи на 90-91. Јокубаитис ги постигна клучните поени, изнудувајќи и прекршок на Мициќ, со што Барса во последната минута ја осигура победата. Центарот Шанли, кој лани го носеше дресот на Ефес, беше херој на Барселона на овој натпревар со 24 поени, 18 реализираше Мициќ, додека Мициќ со 26 поени беше најефикасен во таборот на Ефес.

Црвена Звезда приреди големо изненадување како гостин триумфирајќи на гостувањето во Русија против Зенит со 58-69. Цврстата одбрана беше заштитен знак на „црвено-белите“, кои го исфрлија од ритам рускиот гигант, уште во првото полувреме поведоа со 28-42 и до крајот ја задржаа двоцифрената предност. Волтерс постигна 14, а Кузмиќ и Калиниќ реализираа по 11 поени, додека прв стрелец на Зенит беше Џордан Мики со 16 поени.

Се вчитува...