Барса го растури Алборг и се искачи на врвот на Европа

Барселона е новиот европски шампион откако каталонскиот гигант во денешното финале во „Ланксес Арена“ го совлада Алборг со убедливи 36-23. Данскиот првак немаше сили за ново изненадување по вчерашната победа над ПСЖ, па денеска капитулираше пред поквалитетниот противник. Барса цела сезона играше најдобар ракомет во Лигата на Шампионите, а по двете беспрекорни партии против Нант и Алборг тренерот Чави Пасквал имаше триумфално простување од клубот чие кормило летово ќе го напушти како европски клупски првак.

Алборг успеа да парира само во првите десетина минути, кога резултатот гласеше 6-5 за Барселона. Одбраната на каталонскиот гигант се стабилизираше, Данците се потешко го наоѓаа патот до мрежата, Барса го користеше тоа за да ја зголемува својата предност. На полувреме се замина со водство на Барселона од 16-11, а доминацијата на двата дела од теренот продолжи и во вторите 30 минути. Како што одминуваше времето, така и предноста на каталонците се зголемуваше до самиот крај и конечните „плус тринаесет“.

Алеиш Гомез беше прв стрелец на Барселона со девет погодоци, шест постигна Нгесан, а пет Лука Циндриќ. На спротивната страна, најефикасен во таборот на Алборг беше Сандел со осум постигнати гола.

Се вчитува...