Барса го виде на дело „Столе велики“, има и доволно време за трансфер на „Камп Ноу“

Столе Димитриевски е најдобар кога е најзначајно, македонскиот ас по којзнае којпат го докажа тоа на синоќешното гостување против Барселона, кога со бравурозни интервенции ги откажа Левандовски, Дембеле, Рафиња и останатите „ѕвезди“ на каталонскиот гигант.

А Барса е клубот за кој Македонецот како да ги има резервирано своите најдобри партии, ако се знае дека тој е првиот голман во последните 20 години што на три меча во низа во Ла Лига не примил ниту еден единствен гол од каталонскиот гигант. За потсетување, лани беше брилијантен во победата на домашен терен кога го одбрани и пеналот на Депај, а потоа блескаше и во изненадувачката победа на „Камп Ноу“. Рајо синоќа не победи, но бодот е еднаков на триумф, благодарение на Димитриевски и неговите одлични одбрани.

За потсетување, Столе Димитриевски во јануари беше многу блиску до преселба на „Камп Ноу“, но трансферот пропадна поради одбивањето на голманот Нето да го напушти клубот. Сега ситуацијата е поинаква, Нето минатата седмица се пресели во премиерлигашот Борнмут, а каталонците немаат избрано нов резервен голман за Тер Штеген (на клупата синоќа беа младите Пења и Тенас).

Време се уште има, а по одличното издание на „Камп Ноу“, нема да биде никакво изненадување Барселона да тргне во нова офанзива и летово да го комплетира трансферот што не успеа во јануари. А Столе Димитриевски да стане првиот Македонец во историјата што станал дел од каталонскиот фудбалски гигант.

Се вчитува...