Барса и Кил во битка за врвот на ракометна Европа

Барселона и Кил ќе се сретнат вечерва (20.30 часот) во „Ланксес Арена“, во големото финале од Лигата на шампионите, битка што ќе одлучи кој од овие два тима ќе го наследи Вардар на тронот на ракометна Европа. Двата тима досега имаат по два пехари во Келн, Барселона во 2011 и во 2015, Кил во 201о и во 2012 година, па победникот од денешното финале ќе стане најтрофеен клуб откако е воведен фајналфор турнирот во Келн.

Барселона во полуфиналето заврши рутинска работа совладувајќи го ПСЖ, додека Кил доцна синоќа мораше да играа исклучително тежок натпревар против Веспрем, во кој „зебрите“ дури по продолжение стигнаа до големото финале. Јасно е дека Барса е фаворит на хартија, но германскиот тим јасно става до знаење дека нема намера предвреме да се предаде.

„Да се биде дел од едно финале секогаш е специјално чувство. Нема да биде лесно да се запре Барселона, но верувам дека имаме играчи за да го сториме тоаи да стигнеме до титулата“, изјави Филип Јиха, кој како играч стигнуваше до тронот на ракометна Европа, а сега ќе се обиде истото да го стори и како тренер на Кил.

На спротивната страна, Чави Пасквал се реши за една промена во составот во однос на полуфиналето со ПСЖ, вклучувајќи го во тимот Доленец на местото на Макуч.

Традицијата вели дека овие два гиганти досега одиграле само едно големо финале во Келн, и тоа во 2010 година кога „зебрите“ славеа со 36-34.

Се вчитува...