Барса и Реал се спасија од сензации

Барселона по оргомна битка и продолжение од дополнителни пет минути го скрши отпорот на Олимпијакос, триумфирајќи со 79-78. Каталонците во првото полувреме се мачеа со шутот, промашувајќи 12 обиди за тројка, па на одмор заминаа со негатива од 27-32. Во вториот дел проработе и ова оружје, но Олимпијакос со фанатична борбеност успеа да се избори за продолжение, во меч што грчкиот состав со малку среќа можеше и да го добие.

Во дополнителните пет минути пресудни беа поените во самата завршница на Ориола од линијата за слободни фрлања. Олимпијакос го имаше последниот напад за победа, но Слукас повторно (како и во регуларниот дел од мечот) беше непрецизен и каталонскиот гигант ја забележа третата победа во низа од стартот на Евролигата. Никола Миротиќ беше клучен играч со 22 поени за Барса, значаен дел од нив постигнувајќи ги токму во продолжението.

Супердраматично беше и на дуелот во Мадрид, каде Реал по огромна битка на крајот успеа да го скрши отпорот на Монако, триумфирајќи со 94-86. „Кралевите“ имаа огромни 25 поени предност во втората четвртина, но Монако предводен од извонредниот Мајк Џејмс успеа да се врати, па во последната четвртина за момент и да поведе. Младиот Французин Јабусел го врати Реал во водство, а искусниот Руди Фернандез со тројка стави точка на победата. Јабусел со 17 поени ги предводеше стрелците на Реал Мадрид, додека Ертел реализираше 13 поени и 7 асистенции. Најдобар поединец на натпреварот сепак беше Мајк Џејмс, со дабл-дабл од 24 поени и 10 асистенции.

Се вчитува...