Барса има уште многу да учи за да го стигне Баерн, Јуве убедлив, Челси со еден гол до три бода…

Баерн Минхен му одржа фудбалска лекција на тимот на Барселона, славејќи со 0-3 на гостувањето на „Камп Ноу“ на отворањето на новата сезона во Лигата на Шампионите. Баварците доминираа од самиот почеток, преку Милер дојдоа до предност, а на почетокот од вториот дел зголемија на 0-2 со голот што го постигна Левандовски, откако Мусиала со извонреден удар го затресе дирекот од голот на Тер Штеген.

Немоќта на Куман беше очигледна по тој втор примен погодок, откако тренерот на Барселона се реши на теренот да уфрли деца кои до неодамна воопшто не беа дел од сениорскиот тим на каталонците. Гави, Демир и Балде сите добија шанса против еден од најдобрите европски клубови, како дел од „алибито“ на Куман за разликата во квалитет меѓу двата тима. Печат на победата на Баерн стави Левандовски со својот втор погодок на мечот, постигнат во 85. минута.

Јувентус рутински си ја заврши задачата на гостувањето против Малме (0-3), сите дилеми решавајќи ги уште во првите 45 минути од мечот во Шведска. Алекс Сандро го постигна првиот гол за „старата дама“, а потоа натпреварот беше решен пред самиот крај на полувремето, кога Дибала (од пенал) и Мората зголемија на недостижни 0-3. Новиот македонски репрезентативец Ракип беше стартер за Малме на оваа средба, но беше заменет во 59. минута со Налиќ.

Челси потешко од очекувањата го скрши отпорот на Зенит, но актуелниот европски првак сепак триумфално ја почна одбраната на титулата (1-0). Херој на „сините“ беше Ромелу Лукаку, кој со прецизен удар со глава ја затресе мрежата на рускиот шампион. Зенит имаше стопроцентна шанса да го израмни резултатот на десетина минути до крајот, но Ѕјуба од идеална ситуација од пет метри шутираше крај голот на Челси.

Вилјареал по голема битка ремизираше со Аталанта, 2-2. Иако гостите први поведоа со погодокот на Фројлер. Тригерос во 37. минута донесе израмнување, a „резервистот“ Данјума го комплетираше пресвртот со гол постигнат во 73. минута. Сепак, тоа не беше крај на возбудувањата бидејќи Аталанта пред крајот успеа да стигне до од благодарение на голот што го постигна Госенс во 83. минута.

Динамо Киев ремизираше со Бенфика (0-0), дуел на кој укаинскиот состав промаши стопроцентна шанса во 91. минута да стигне до цел плен. Динамо потоа во 93. минута успеа да постигне и победнички гол преку Шапаренко, но тој беше поништен со ВАР поради офсајд.

Мечот меѓу Лил и Волфсбург исто така заврши без голови, а гостите од Германија го завршија овој натпревар со десет играчи по црвениот картон што го заработи Брукс во 64. минута. Судијата Макиеле во 97. минута покажа пенал за Лил, но потоа по интервенцијата од ВАР-собата се премисли и досуди крај на натпреварот.

Се вчитува...