Барса излезе во пресрет – нов договор за Раул Ентрериос

Раул Ентрериос ќе ја продолжи кариерата за уште една сезона откако управата на Барселона излезе во пресрет на барањето на 39-годишниот ветеран, овозможувајќи му уште една година да го носи дресот на каталонскиот гигант. Ентрериос иаше јасен план – да му каже збогум на ракометот на крајот од сезонава, а последниот меч да го игра на ОИ во Токио.

Сепак, пандемијата од коронавирус и одложувањето на Олимписките Игри во Токио ги променија плановите на искусниот бек, кој пред извесно време јавно обелодени дека сака да игра уште една сезона, се со цел да може да настапи на ОИ 2021. Барса има огромна конкуренција на неговата позиција во тимот, каде се наоѓаат Циндриќ и Палмарсон, ангажиран беше и словенечкиот суперталент Макуч, но каталонскиот гигант му излезе во пресрет на големиот ас, по што денеска беше официјализирано продолжувањето на соработката. Воедно, договорено беше тој по завршувањето на играчката кариера да добие место во управата на ракометниот клуб.

Раул Ентрериос е член на Барселона од 2010 година, кога дојде во овој клуб од редовите на Валјадолид.

 

Се вчитува...