Барса не се шегува, потпишан и Португалецот Фраде

Барселона продолжува со ангажман на млади и суперталентирани ракометари откако денеска го официјализираше трансферот на Луис Фраде. Овој 21-годишен Португалец важи за еден од најталентираните пивоти во светот на ракометот, ланската сезона ја мина во Спортинг Лисабон, а со потпишаниот договор ќе остане дел од Барселона до 2024 година.

Луис Фраде поседува се што треба да има еден врвен ракометар. Секој што не го познава ќе биде пријатно изненаден кога ќе види како игра. Фраде има потенцијал да стане еден од најдобрите пивоти во светот“, изјави Карлос Руесга, поранешниот шпански репрезентативец кој настапуваше со Фраде во Спортинг.

Португалецот е четвртото засилување на Барса сезонава, по Словенците Блаж Јанц и Домен Макуц, како и бразилскиот бек Ханиел Лангаро. Покрај тоа, каталонскиот гигант потпиша нови договори со Раул Ентрериос, Аитор Арињо, Тијагуш Петруш и Седрик Сорендо.

Се вчитува...