Барса пак се „лизна“: Атлетико ја расипа „забавата“ на Меси

Барселона загуби уште два бода во трката за титулата во Ла Лига откако каталонскиот гигант ремизираше 2-2 на дербито со Атлетико Мадрид. Тренерот Кике Сетиен го остави Антоан Гризман на клупата 90 минути, внесувајќи го во игра дури во судиското продолжение, како „најнова шлаканица“ за Французинот, токму на дуелот со неговиот поранешен клуб. Лионел Меси нема по добро да го памети мечот на кој го постигна 700. гол во кариерата, бидејќи со овој исход сега шансите на титулата се сведуваат на минимум.

Каталонците имаат за што да жалат бидејќи двапати имаа предност, но Саул Нигез со два удари од белата точка се погрижи „јорганџиите“ да се вратат непоразени во Мадрид. Почетокот мина во знакот на Диего Коста, кој најпрвин си постигна автогол, а потоа не реализираше пенал по стартот врз Караско. За среќа на Атлетико, ВАР-судијата го извести главниот арбитар дека Тер Штеген излегол од гол-линијата, па пеналот повторно беше изведен, овојпат Нигез ја зеде топката и го надмудри германскиот голман.

Почетокот на второто полувреме донесе нов пенал, овојпат во корист на Барселона. Семедо беше соборен во шеснаесетникот, а Меси во манир на голем стрелец, со паненка го совлада Облак за својот 700. гол во фантастичната кариера. Тој погодок сепак не значеше и триумф на Барса бидејќи Семедо на спротивната страна направи уште еден пенал врз Караско, по што Саул Нигез со својот втор гол му донесе бод на Атлетико.

Се вчитува...