Барса се откажа од Нејмар!

Нејмар направи хаос во ПСЖ во текот на летово, но како што стојат работите Бразилецот ќе биде принуден да остане уште најмалку една година на „Паркот на принцовите“ откако Барсеона се откажа од преговорите за негов ангажман. Прогнозите беа дека каталонскиот гигант ќе тргне во тотална офанзива во следните 24 часа, но директорите на Барса по две неуспешни рунди преговори вчера решиле да ги прекинат преговорите.

Веста ја потврди и весникот „Ел Мундо Депортиво“, кој тврди дека одлуката е донесена по проценката дека нема шанси да биде постигнат договор со ПСЖ. Можноста за намалување на сумата со вклучување на фудбалери пропадна откако Ракитиќ и Дембеле одбија да се преселат во Париз, а каталонскиот гигант синоќа ги известил „светците“ дека ја одбива нивната контрапонуда за трансфер од 200 милиони евра.

За одлуката вчера се известени и капитените на Барса, оставајќи го разочаран Лионел Меси, кој посакуваше Нејмар летово да се врати на „Камп ноу“.

„Светците“ синоќа славеа рутински во Мец, а по мечот директорот Леонардо вината за неуспешните преговори ја префрли кон Барселона.

„Сите знаевме дека го сакаат Нејмар, а тие дојдоа со прва понуда дури на 27 август. Нашиот став  беше јасен, се знаеше што бараме за Бразилецот, а не дојдоа ниту блиску со понудата. Реков и ќе повторам, ако Нејмар си замине од ПСЖ, тоа мора да биде под услови што му одговараат на нашиот клуб“ – порача Леонардо.

Се вчитува...