Барселона тргна моќно во новата сезона, веќе има три бода предност во однос на Реал Мадрид, а управата на клубот веќе поставила одредени „правила на игра“ кога станува збор за Жозе Мурињо.
Каталонците се сеќаваат на бурните конфликти на релација Реал – Барса за време на претходниот мандат на Португалецот во Мадрид, па решија овојпат воопшто да не влегуваат во психолошките војни и препукувања со „специјалниот“. Затоа, на Ханси Флик му било децидно порачано – не смее да го коментира Жозе Мурињо и изјавите што португалскиот стратег ќе ги дава во текот на сезоната.
Флик токму затоа експресно го избегнал прашањето на отворањето на сезоната, кога шпанските новинари сакале да дознаат што мисли тој за португалскиот стручњак како директен ривал на клупата на големиот ривал.
„Играме со Реал Мадрид? Не! Епа тогаш, прашајте ме за Елче“, гласел одговорот на Флик.
На новинарите веќе им било ставено до знаење дека германскиот стратег нема да дава било какви изјави поврзани со големиот ривал, па останува да се види колку ќе трае молкот на каталонскиот гигант на оваа тема, особено ако се знае колку гласен може да биде Мурињо, особено по поразите на својот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
