Барса супериорно до билет за четвртфиналето во ЛШ

Барселона рутински стигна до билет за четвртфиналето од Лигата на Шампионите откако каталонскиот гигант славеше убедливо и на вториот дуел со Елверум, овојпат со 39-19. Двата дуели од овој двомеч се играа во каталонската престолнина поради анти-корона мерките во Норвешка, па избраниците на Чави Пасквал со два полесни тренинзи во својата сала си го обезбедија местото меѓу најдобрите осум екипи во ракометна Европа.

Денешниот дуел беше нова лекција од ракометарите на Барса за норвешките шампиони. Каталонците уште во првото полувреме имаа постигнато двојно повеќе голови од противниците (20-10), за на крајот да триумфираат со конечни „плус дваесет“. Пасквал ја искористи можноста за да ги одмори клучните ракометари, па така најефикасни денеска беа Диоку со шест и Доленец со пет гола.

Ривал на Барселона во четвртфиналето ќе биде подобриот од двомечот Мотор – Мешков Брест, во кој украинскиот тим има предност од два гола по првиот одигран натпревар.

Се вчитува...