Барса тргна по Погба со „рецептот Кутињо“

Манчестер јунајтед одби една понуда од Барселона за Пол Погба, но каталонскиот гигант не планира така лесно да се откаже од намерата да го ангажира францускиот играч за врска. Каталонците знаат дека ќе биде тешко, но истото беше случај и лани кога го избраа Филипе Кутињо за свое суперзасилување, на крајот успевајќи да го доведат асот на Ливерпул на „Камп ноу“.

„Од почит кон останатите клубови, нема да коментирам за имињата со кои сме поврзувани по медиумите. Ќе кажам само дека има доволно време до 31 август за да се обидеме да доведеме уште некое врвно засилување“ – изјави претседателот Бартомеу по синоќешниот триумф над Севилја во Суперкупот на Шпанија.

Раководството на Барселона е убедено дека може истото да го стори и со Погба, уште повеќе ако се земе во предвид конфликтот што Французинот веќе подолго време го има со Жозе Мурињо. Погба не сакаше да коментира на оваа тема изјавувајќи дека „ако каже што мисли, ќе биде казнет“, јасно е дека секирите со Португалецот воопшто не се закопани, а конфликтот се заканува да продолжи и во текот на новата сезона.

Барса е подготвена да плати околу 100 милиони евра, Манчестер јунајтед засега не е заинтересиран за продажба, но ако се следи примерот на Кутињо во следните десетина дена може да се очекува Погба да поднесе барање за трансфер до „црвените ѓаволи“. Ливерпул лани го одби барањето на својот Бразилец, но притисокот беше извршен, па тој во јануари се пресели на „Камп ноу“. Барса има доволно асови во средниот ред за да не се брза, повторно може да почека уште неколку месеци за да донесе суперѕвезда во своите редови, а Погба сигурно би донел квалитет плус во таборот на каталонскиот гигант.

Се вчитува...