Барса виде што пропушти, сега може да загуби и осум милиони евра поради Димитриевски и Рајо

Барселона во текот на јануарскиот преоден рок беше сериозно загреана за Столе Димтриевски, каталонскиот гигант ги имаше договорено и личните услови со македонскиот голман, но трансферот пропадна откако Барса не успеа да се ослободи од резервниот голман Нето и на тој начин да отвори простор во ростерот за Димитриевски.

Македонскиот репрезентативец чекаше и дочека идеална шанса за да им покаже на челниците на Барса што пропуштиле, со одлично издание на синоќешниот дуел на „Камп Ноу“. Рајо поведе во раната фаза на мечот, остатокот мина во знакот на избраниците на Чави, кои се обидуваа на сите начини, но не успеаја да го совладаат Димитриевски.

Одличното издание на Македонецот може да ја чини Барса и дополнителни осум милиони евра загуба, доколку каталонците не успеат да се задржат на второто место на табелата. Имено, во Шпанија е донесено правило во Супер-купот да се сретнат првиот и вториот тим од крајот на сезоната во Ла Лига, при што двете екипи имаат загарантиран приход од осум милиони евра со самото учество на овој меч, што ќе се игра во Саудиска Арабија.

Барселона имаше идеална можност со позитивен резултат синоќа да се одлепи од Атлетико Мадрид, но поразот од Рајо значи дека каталонците остануваат со ист број на бодови како и тимот на Симеоне… и сериозна опасност во време на сериозна финансиска криза да останат без значителен приход.

Се вчитува...