Барсегјан: Голот е мој, но за триумфот во Тетово заслужен е целиот тим

Вардаровиот напаѓач Тигран Барсегјан е херојот на „црвено-црните“ во триумфот од 0-1 на гостувањето против Ренова во Тетово. Тој и против Шкендија постигна погодок на истиот терен, и придонесе за бодот во првото коло, а сега е творецот на триумфот. Сепак, Ерменецот го препишува овој успех на целиот колектив на Вардар.

„Нормално, среќен сум за голот како и за секој друг кога ќе биде победнички. Меѓутоа сакам да истакнам дека оваа победа е на тимот. Целата екипа многу се трудеше за оваа победа, и на крајот дојде и тој погодок. Сите сме заслужни за овој триумф. Мислам дека бевме подобри од противникот, иако во одредени делови имавме мали проблеми со играта. Но, верувавме до крај дека можеме да стигнеме до трите бода, и среќен сум што на крајот успеавме“ – вели Барсегјан во изјава за официјалната интернет страница на клубот.

За Вардар сега следува натпревар од Купот на Македонија против Вардар Форино, а потоа и натпревар со Македонија ЃП.

„Немаме многу време за славење. Од денеска па натаму се вртиме веќе кон следните предизвици. Најпрво натпревар од Купот а потоа нов првенствен тежок натпревар. Сите мечеви се тешки, и ако не дадеме се од себе, ќе имаме проблеми. За да не се случи тоа, очекувам уште еднаш на сите натпревари да пружиме максимум без разлика на противникот, и да победуваме“ – дополнува ерменскиот интернационалец.

Се вчитува...