Барсегјан: Ќа направиме се во Истанбул за Вардар да дојде до групите од ЛЕ!

Вардар утре со огромна надеж и историска шанса која ретко се укажува патува за Истанбул каде во четврток го очекува реванш натпреварот со Фенербахче за пласман во групите од Лигата на Европа.

„Црвено-црните“ носат предност од 2-0 од првиот натпревар, а стрелецот на првиот погодок Тигран Барсегјан вели дека покрај добриот резултат од првиот меч, ќе се даде максимум на реванш натпреварот во Истанбул.

„Резултатот од првиот натпревар е добар, но не е гаранција дека сигурно ќе поминеме понатаму. Имаме шанса да направиме нешто големо, и ќе дадеме се од себе за поволен резултат на реваншот против Фенербахче. Мораме да бидеме концентрирани во текот на целиот натпревар. Играме против еден голем тим кој што има одлични играчи во своите редови. Меѓутоа на првиот меч и на претходните натпревари покажавме дека ако функционираме како тим, можеме да победиме секого. Секако дека мене ми е драго што постигнав гол на првиот натпревар, и нормално посакувам да биде така и на реваншот, но во преден план е Вардар да излезе како севкупен победник. Се надеваме дека тој резултат кој го остваривме ќе биде доволен да одиме во следната фаза и да ги израдуваме сите кои навиваат за нас и нè поддржуваат“ – вели Барсегјан за официјалната интернет страница на клубот.

Се вчитува...