Со два гола и една асистенција, Тигран Барсегјан беше играчот кој имаше најголем придонес во ремито на Вардар на последниот пријателски натпревар против Марибор (3-3). Подготовките течат одлично, а Ерменецот ќе игра против тим од својата земја во првото квалификациско коло од Лигата на Европа.
„Пјуник е солидна екипа. Имаат во своите редови играчи кои што во минатото биле репрезентативци и имаат големо искуство со играње во националниот дрес. Имаат исто така и неколку странци. Во секој случај мислам дека ќе бидат тоа два квалитетни натпревари, и посакувам на крајот ние да се пласираме во следната фаза. Сметам дека ако ги пренесеме игрите од тука од подготовките и на тие два меча, ќе немаме проблем и ќе одиме во 2. квалификациско коло во Лигата на Европа“, вели Барсегјан за официјалниот сајт на Вардар.
Вардарци викендов ќе се подготвуваат за следните два пријателски меча со Оренбург и со Балзан кои се играат в понеделник, односно вторник. Серијата на тестови ќе заврши на 30 јуни со натпреварот со Целје, а еден ден претходно вардарци ќе ги одмерат силите и со Херманштад.
Одвоено од екипата тренира Виктор Јуфо поради ситни повреди, а Никола Серафимов ја пропушти подготовката поради повреда на зглобот заработена на последниот меч со Марибор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА