Барселона ќе купува дефанзивец: Кулибали, Маркињос или Де Лигт?

Барселона ја освои двојната круна во Шпанија, но се „лизна“ неочекувано од Рома во Лигата на шампионите, а одбраната беше неверојатно пропустлива. Се увиде тоа и на последното гостување кај Леванте, кога каталонскиот гигант прими дури пет гола, а два од нив беа дело на македонскиот репрезентативец Енис Барди. Токму затоа, покрај мисијата за ангажман на Антоан Гризман од Атлетико Мадрид, приоритет на Барселона во летниот преоден рок ќе биде доведување на квалитетен дефанзивец.

Пике и Умтити се одличен тандем, но Французинот има опција и да го напушти „Камп Ноу“ за сума од 60 милиони евра, а за него има голем број заинтересирани клубови, меѓу кои и големиот ривал Реал Мадрид. Јери Мина не успеа да се снајде и ќе замине на позајмица, а треба да пристигне нов елитен дефанзивец.

Барселона има „пикирано“ тројца фудбалери. Првиот е Калиду Кулибали, 26-годишниот стопер на Наполи, кој е моќен во воздушните дуели, но исто така и располага со одлична техника, и како да е ’измислен’ за да пристигне на „Камп Ноу“. За него Наполи ќе бара околу 70 милиони евра.

Втората опција е Бразилецот Маркињос од ПСЖ. Тој и во минатото се споменуваше како можно засилување за Барселона, но ПСЖ успеа да го задржи бо своите редови. Има само 24 години и непроценливо искуство за својата младост. Тој е вистински изданок на бразилската школа, поткован одлично со технички способности, а и одличен во воздушните дуели.

Третиот „пик“ е младиот дефанзивец на Ајакс, Матијс де Лигт. Тој има само 18 години, но е голема надеж на холандскиот и на европскиот фудбал. Игра стандардно во Ајакс, но прашање е дали ќе може веднаш да се вклопи во тимот на Барселона.

Се вчитува...